Меѓународниот аеродром Скопје е награден од страна на Меѓународниот совет на аеродроми (АЦИ) со наградата за квалитет на аеродромските услуги (ASQ Award) за Најдобар аеродром во неговата големина и регионот (од 2 до 5 милиони патници годишно во Европа) и Најдобри хигиенски мерки по регион (Европа) за 2021 година.
Меѓународниот совет на аеродроми денеска ги објави добитниците на овогодинешните награди за квалитет на аеродромските услуги (ASQ), кои ги слават и ги промовираат најдобрите аеродроми во светот согласно со тоа како се изјасниле патниците.
Како учесник во ASQ-програмата за истражување на мислењата на патниците, Меѓународниот аеродром Скопје, кој е управуван од ТАВ Македонија, се натпреварува со аеродроми со иста големина – од два до пет милиони патници годишно и во истиот регион – Европа, со што во 2021 година, овој панел за истражување на ASQ, се состоеше од вкупно 11 аеродроми и тоа Мадеира, Краснојарск, Менорка, Сантијаго, Скопје, Сола, Тбилиси, Талин, Ваернес, Торино и Загреб.
– Ова е седми пат како ја добиваме оваа прекрасна вест дека Меѓународниот аеродром Скопје е награден од АЦИ за квалитет на аеродромските услуги за Најдобар аеродром во неговата големина и регион, а втор пат по ред од минатата година за Најдобри хигиенски мерки по регион за 2021 година. Воодушевени сме што Меѓународниот совет на аеродроми го награди скопскиот аеродром, бидејќи овие награди и признанија се доказ за нашите извонредни напори во еден ваков исклучителен период, бидејќи 2021 година беше година кога сè уште силно се соочувавме со ефектите од глобалната пандемија. Меѓутоа, нашите патници и клиенти уште еднаш ја докажаа и потврдија нашата заложба, напорна работа и посветеност. Ние сме благодарни, горди и привилегирани за нивната позитивна оценка за нашата работа, особено ако ги земеме предвид предизвиците поради моменталните околности, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.
Како што истакнуават од ТАВ Македонија, аеродромите ширум светот, покрај тековната криза, продолжија да даваат приоритет на слушање и приспособување на различните потреби на нивните клиенти преку анкетите за квалитет на аеродромските услуги. Во 2021 година со еволуирачките здравствени мерки и новите сетови на очекувања што влијаат врз тоа како се испорачува и доживува аеродромското искуство, посочуваат, пандемијата со КОВИД-19 и натаму има големо влијание врз патничкиот сообраќај.
Луис Фелипе де Оливеира, генерален директор на АЦИ, во честитка до Меѓународниот аеродром Скопје за наградата Најдобар аеродром во неговата големина и регион и Најдобри хигиенски мерки по регион за 2021 година, истакнува дека тоа претставува јасен показател дека тие им даваат приоритет на своите клиенти во текот на многу тешка година кога гарантирањето дека нивниот глас ќе се слушне е од клучно значење.
Иницијативата на АЦИ за квалитет на аеродромските услуги е единствената глобална програма за мерење на задоволството на патниците додека патниците се на аеродромот. Имплементирана на близу 400 аеродроми ширум светот, програмата ASQ обезбедува длабинска проценка на квалитетот на искуството за услуги на клиентите. Добиената база на податоци овозможува сеопфатна анализа на искуството со услугите на клиентите на секој аеродром што учествува во иницијативата. Резултатите од оваа година ги препознаваат победниците на ASQ наградата како најдобри аеродроми во светот поради квалитетот на искуството на клиентите.
ТАВ Македонија за првите два месеца од 2022 година бележи вкупно 215 227 патници на двата аеродрома, Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид. Тоа е пад на вкупниот број патници за 29 проценти, споредено со статистиката за јануари и февруари во 2019, како референтна година, додека во однос на 2021 година статистиката покажува позитивен тренд на зголемување на бројот на патници.
извор: biznisvesti.mk