Владата на Црна Гора одлучи поради поповолната епидемиолошка состојба од утре дополнително да ги ублажи мерките, што, меѓу другото, значи дека ќе се укине и обврската за поседување потврда за влез во земјата.
Мерките ќе важат почнувајќи од утре, 11 март до 25 март, соопшти на прес-конференција директорот на Институтот за јавно здравје на Црна Гора.
Според него, се укинува обврската за поседување потврди за КОВИД за влез во Црна Гора, а притоа се почитуваат основните епидемиолошки мерки, информира ЦДМ.
Потврдите за ковид повеќе нема да бидат потребни за престој во културни установи, угостителски објекти, објекти кои приредуваат игри на среќа, спортски објекти, како и на отворено и на затворено.
Поседувањето сертификати за ковид повеќе нема да биде потребно за влез во фитнес центри и спортски сали, детски игротеки, како и за присуство и престој на собири на затворени јавни места (јавни настани, политички и приватни собири, прослави, забави, свадби и други манифестации.
Бројот на посетители на јавни настани и други настани на отворено се зголемува од 50 на 100, а дозволено е примање сочувство и вршење погреби, со присуство до 100 луѓе.
Дозволено е организирање забавни, спортски и рекреативни активности за деца и возрасни на отворени јавни места (забавен парк, рингишпил, групен тренинг, лизгалишта...) во присуство до 100 лица.
Останува на сила мерката носење маска.