Помошта за пензионерите и за примателите на гарантирана минимална помош ќе биде исплаќана директно на трансакциските сметки, а не со ваучери. Со владината одлука околу 330.000 пензионери и 36.000 домаќинства, приматели на гарантирана минимална помош, ќе земат дополнителни 1.000 денари за март, април и мај, истакна вечерва министерката за труд и социјална политика.
Нема да има ваучери, туку по 1.000 денари во наредните три месеци пензионерите ќе добиваат на своите трансакциски сметки, заедно со исплатата на пензиите. Овие финансиски средства ќе можат да ги искористат за купување на прехранбени производи, за сметките за струја или за нешто друго. За да стасаат парите што поскоро и до граѓаните кои се приматели на гарантирана минимална помош, исплатата по 1.000 денари во наредните три месеци исто така најверојатно ќе се изврши преку трансакциските сметки, заедно со исплаќањето на правото на ГМП.
извор: novamakedonija.com.mk