Во Македонија земјоделското производство особено она на житарици станува тешко подносливо за земјоделците. Вештачките ѓубрива последнава сезона предизвикани од галопирачките цени на плинот (природниот гас) во нашата малопродажна мрежа поскапеа до 300 отсто. Ако една вреќа ѓубриво уреа се продавала за 600 денари на последната есенска сеидба достигна цена од 1.500 денари.
Паралелно со тоа постојано расте и цената на нафтата која е неопходна на земјоделците. Пред претстојната пролетна сеидба во која во Македонија се сее само оризот од житните култури вештачкото ѓубриво сега се продава по цена од 30 евра за вреќа, а лани пред сеидбата беше околу 500 денари.
Состојбата со производство на храна во Македонија веќе станува сложена со особено силно негативно влијание на увозната компонента. А што значи тоа?
Увезуваме готова храна, но и расаден и семенски материјал и најважното вештачко ѓубриво затоа што велешки ХИВ или народски именуваната азотара одамна е само споменик на едно минато и просперитетно време во кое наша Македонија имаше заокружен земјоделски циклус во кој произведуваше се освен трактори.
Преку интервентниот фонд кој за прв пат се воведува оваа година, се планирани околу 120 милиони денари ќе бидат наменети за субвенционирање на трошоците за ѓубрива. Конкретно, според анализите поради регистрираниот пораст на цените на вештачките ѓубрива планирана е поддршкаод 2.500 денари по хектар за направен трошок за набавени вештачки ѓубриња и тоа во количина најмалку од 200 килограми по хектар.
Што не очекува?
Нарушен е балансот на глобалното снабдување со житарици, плин и вештачко ѓубриво. Ова ги принудува фармерите во многу региони во светот да бираат меѓу два лоши избори: да ги намалат засеаните површини или да ѓубрат помалку со што ќе имаат послаб род на претходно планираните површини. Што и да изберат повеќе од сигурно е дека идната сезона ќе има помалку род односно помалку храна од тоа што го имало досега. Токму затоа „новото нормално“ прво ќе ги удри сиромашните во сите држави, а пред се државите во развој.
Токму од овие причини Максимо Торето, главниот економист на ФАО организацијата за храна и земјоделство на ООН неодамна изјави: Ако немаме решение за новонастанатиот проблем со вештачко ѓубриво и запре неговата трговија на глобално ниво идната година ќе не дочека проблем во снабдувањето со храна каков што не сме имале досега.
извор: faktor.mk