Македонското производство на пченица едвај преживува, за период од 20 години производството на пченица е опаднато за просечни 20 отсто. Пишува НОВА МАКЕДОНИЈА
Тенденцијата на намалување на производство на пченица ќе биде присутна и во иднина, сѐ додека не направиме стратегија за зачувување на домашното производство за да можеме во какви било околности, како војни и непогоди, да имаме доволно за прехрана на нашето население.
Наедно, нашата земја го губи приматот што некогаш го имала во производството на афион, сончоглед, шеќерна репка, памук, маслодајна репка, свила и жито. Некои од овие индустриски култури се комплетно исчезнати од македонските ниви, некои сѐ помалку се сеат, а површните со некои од нив континуирано се намалуваат или стагнираат. Од друга страна, Македонија троши милиони евра за увоз на финалните производи од овие култури, и покрај тоа што има услови за домашно производство, а тоа е само уште една потврда за важноста на домашното производство, во спротивно стануваме држава што е лесен плен и на политички и на економски план.
Ако се анализираат бројките од Државниот завод за статистика, може да се утврди дека пред повеќе од 30 години имало значително поголемо производство речиси на сите земјоделски производи. Бројките покажуваат дека во последниве 30 години драстично се намалило производството речиси на сите поважни култури, односно оние што помасовно се произведувале – пченица, сончоглед, шеќерна репка, тутун.
Само за споредба, во 1989 година биле произведени 152.995 тони шеќерната репка, а од 2009 година речиси нема производство. Кај сончогледот има повеќе од десет пати намалување, и тоа од 46.345 тони произведени во 1989 година на 3.379 тони произведени во 2018 година. Во последниве децении е зголемено само производството на пченка, но, сепак, не е доволно за потребите на македонското население.
– Македонија до средината на 90-тите години на минатиот век имаше производство што во одделни сектори ги надминуваше денешните произведени количества, а за жал одредени култури веќе не може да се сретнат по македонските ниви. Исто така, во тие години значително беа поголеми и производствените капацитети, пред сѐ од обработливо земјоделско земјиште, број на добиток, вкупен број на долгогодишни насади – вели Драги Димитриевски, професор на Факултетот за земјоделство и храна.
Тој додава дека во процесот на приватизација пропаднаа сите големи производствени системи – земјоделските комбинати.
– До денес не се создаде нов систем што ќе обезбеди нивна соодветна и поефикасна замена и економски порационално искористување на сите напуштени земјишни капацитети или, пак, враќање на оние со капацитети со биолошки карактер. За жал, оние култури што се напуштија тешко дека ќе може да се вратат – објаснува Димитриевски.
Целиот текст ОВДЕ