Познавачите на пазарот на трудот, сметаат дека на намалувањето на бројката на невработени во услови на пандемија и глобална економска криза, влијаат повеќе фактори. Прво и основно е тоа што голем дел одлучиле да заминат во странство, други чекаат да добијат зелено светло за тоа и затоа не се пријавуваат во Агенцијата за вработување, а доста добар дел се и во сивата економија чиј процент се уште е многу висок.
Заминуваат од тука како туристи, а остануваат во странство следните 30 години. Добар дел работат и на црно, зошто со зголемувањето на минималната плата во овие тешки времиња , се отвори патот за уште поголемо зголемување на процентот на сивата економија. Исто така, многу од младите не сакаат да работат тука за овие плати и чекаат документи за да заминат надвор, а за тоа време не се регистрирани во АВРМ како невработени и баратели на работа. Во странство кога одат работат било што, но се задоволни затоа што се подобро платени, изјави претседателот на Организацијата на работодавачи.
За да почне Македонија да продуцира работни места со задоволителни примања, треба да почне сериозни да се работи на развој, на усовршување на производните процеси, на конкурентноста , на освојување на нови пазари за пласман на она што се произведува тука.
Пред неколку дена, статистика пресмета пад на невработеноста. За една година, од списокот на невработени се избришани 8.000 лица, но бројот на вработени се зголемил за само 178 лица. Според податоците на ДЗС, најголем дел од невработените се на возраст од 15 до 49 години, а до работа потешко доаѓаат мажите од жените.
извор: denar.mk