Иако уште во 2019 година од Европската Унија беше најавено дека во 2021 година ќе биде последното „поместување“ на стрелките на часовникот од зимско на летно сметање на времето, тоа не се случи. Македонија и другите земји од регионот што не се членки на ЕУ редовно се усогласуваат според временските директиви на Брисел! Многу истражувања што се правени од релевантни меѓународни институции покажуваат дека преминување на летно сметање на времето негативно се одразува на однесувањето и здравјето на луѓето, а некои анализи укажуваат и на економската (не)ефикасност од промената на стрелките на часовникот, која се прави секоја година во март и во октомври.
Научниците од германскиот универзитет „Лудвиг-Максимилијан“ дошле до сознанија дека последиците од преминувањето на летно сметање на времето организмот на човекот може да ги чувствува неколку дена, а најголеми промени се чувствуваат во текот на првите два-три дена со временската корекција.
Преминувањето на летно време се одразува и кај учениците, кои послабо ги решаваат задачите и послабо ја следат наставата. Оваа временска промена влијае и на расположението и на апетитот кај мнозинството граѓани. Во првата недела има и пад на концентрацијата на вработените лица. Во деновите по промената на часовникот има зголемен број сообраќајни незгоди, сметаат стручњаците од областа на медицината.
Приспособувањето на временските промени, особено во летниот период, кога на луѓето им се одзема еден час од сонот, трае една седмица, а кај некои лица и подолго. Според Драган Хрниќ, професор на Медицинскиот факултет во Белград, тоа влијае негативно на „внатрешниот“, биолошки часовник кај човековиот организам, се буди порано од вообичаениот ритам.
Треба да се земе предвид дека околностите во кои е воведено летното сметање на времето се значително сменети. Овој т.н. внатрешен часовник нѐ тера да стануваме во одредено време. Функционирањето на организмот и сите физиолошки процеси се одвиваат според сончевата светлина што луѓето ја примаат во нашиот регион – вели Хрниќ.
Со промената на сметањето на времето треба да се престане – изјавиил во 2019 тогашниот шеф на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, по објавувањето на онлајн анкетата во која 84 отсто од ЕУ се изјаснија против промената на стрелките на часовникот.
Но оттогаш досега ништо не е сменето и сѐ си останува по старо во ЕУ.
извор: novamakedonija.com.mk