Скопје има повеќе атрактивни локации каде што има различни содржини за жителите да се рекреираат, да се релаксираат на отворено, да спортуваат и наедно да дишат чист воздух.
За жал, оние неколку што ги имаме и се навистина привлечни за граѓаните, постојано се цел за нашиот неодговорен однос кон животната средина. Наместо да ја чуваме и негуваме, ние загадуваме, дури и како намерно да уништуваме и девастираме. Којзнае дали и воопшто сме свесни дека таквото поведение се рефлектира на нашето здравје, а секако и на имиџот на градот, кој се обидуваме да го изградиме како европски град.
Со официјалното доаѓање на пролетта, Скопје ќе има значително поголем број топли и сончеви денови, кои скопјани ќе ги искористат да се рекреираат, да прошетаат со своите семејства. Марков манастир, Скопска Црна Гора, Водно, Кучково, Три круши, Градски парк, кејот на Вардар, Матка се најчестите локации на скопјани, каде што го минуваат своето слободно време. За жал, низ изминатите години се покажа и докажа дека токму на овие локации во пролетните и летните месеци има неконтролирано огромни количества ѓубре, и тоа отпадоци што не се фрлени во канти, туку се разлетани насекаде.
Сликата не е ништо подобра ниту на другите излетнички места во градот. Изминатото лето имаше застрашувачки фотографии од Матка, каде што контејнерите беа преполни, па ѓубре се фрлаше и секаде наоколу, слично беше и на „Марков манастир“, локација што скопјани ја користат за да направат скара на отворено и да поминат еден целодневен излет покрај Маркова Река, која, пак, за жал, со себе носи разни отпадоци.
И којзнае по кој пат, огромно количество отпад изминатата недела беше исчистено од Водно. Големиот број црни ќеси полни со отпадоци покажуваат дека на посетителите ниту им проработела свеста ниту, пак, има некаква надеж дека таа ќе проработи. Проблемот со отпадот продолжува да постои како упорен чир на општеството, кој никако не се лекува.
извор: novamakedonija.com.mk