Шпанија од денеска ја третира инфекцијата со корона вирус речиси како нормална болест, слична на грип. Оние кои ќе се заразат со коронавирус и ќе развијат само благи симптоми или воопшто немаат симптоми, можат да продолжат да водат нормален живот. Веќе не се задолжителни ниту тестови, ниту домашна изолација.
Досегашните мерки ќе продолжат да важат само за оние кои се изложени на ризик. Меѓу нив се луѓето на возраст над 60 години и оние со имунолошки дефицит, како и бремени жени и здравствени работници.
Во Галиција, приложувањето доказ дека некој е вакциниран, тестиран или излечен сè уште важи кога се влегува во болници и домови за стари и изнемоштени лица. Ограничувања има и за бројот на гости на една маса во рестораните. Но, и овие ограничувања треба да бидат укинати на 9 април.
Епидемиолошката ситуација во Шпанија, која беше особено тешко погодена на почетокот на пандемијата, сега е значително ублажена.
Седумдневната инциденца во петокот беше 227 на 100.000 жители, со само 3,6 отсто од сите болнички кревети зафатени од пациенти со Ковид-19. Речиси 85 проценти од популацијата се смета за вакцинирана, а 51 отсто примиле дополнителна доза на вакцина.