Со измените во Законот за облигациони односи кој се подготви минатата година стои дека основната камата не може да биде поголема од основниот долг.
Каматата за долговите не може да биде поголема од основицата, но затоа затезната камата може да расте во недоглед. За да се стави во некој „нормален ред“ плаќањето на старите долгови, во Собранието има доставено предлог за законски измени, но тие никако да стигнат на ред. Во меѓувреме, до Народниот правобранител, но и до граѓански активисти и синдикати, постојано стигнуваат поплаки за начинот на извршување и за суми што се и по 10 пати поголеми од долгот што го имале граѓаните.
Сегашните законски одредби доведуваат до апсурдни ситуации во кои каматата што ја плаќа должникот понекогаш е речиси тројно поголема од главниот долг, па има луѓе што со години не можат да си го отплатат долгот.
Има случаи кога извршните дејства за наплата на побарувањата се преземаат дури и неколку години по издавање на налогот за извршувања, така што за тој период се зголемуваат и каматите и трошоците за извршување, што во крајна линија претставува додатно парично оптоварување за должникот во постапката.
Во овие случаи, на подносителите им е укажано дека заштита на нивните права, покрај до Народниот правобранител, треба да побараат и пред надлежните судови. Ова, со оглед на тоа што работата на извршителите е подложна на контрола од нивна страна, на начин и во постапка определена во соодветните одредби од Законот за извршувањето и единствено судот ги утврдува сторените незаконитости и ги става вон сила преземените извршни дејствија или, пак, го утврдува пропуштањето за преземање определено законско дејство“, укажува Народниот правобранител.
извор: slobodenpecat.mk