Големите странски производствени компании се предизвик за барателите на работа од повеќе аспекти. Очекувани солидни примања, можност за работа со современа технологија и дефинирани процеси на работа, можности за учење и стекнување искуство во интернационална компанија и можности за напредок.
Во последните години сме сведоци на се поголема застапеност на овие компании и нивна експанзија на македонскиот пазар, а како последица на тоа и зголемена побарувачка на работници од пазарот на труд.
Посетителите на нашиот сајт имаа можност да се изјаснат во која странска компанија би се вработиле, преку анкета на Vrabotuvanje.com.
Ги издвоивем топ 5 компаниите кои според анкетата (од 18 понудени одговори) важат за најпосакувани работодавачи:
5. Gerresheimer
На 5-то место е компанијата Gerresheimer - германска компанија за производство на пластични системи за фармацевтската индустрија и секторот за медицинска технологија. Станува збор за релативно млада компанија на македонскиот пазар, која првиот инвестициски циклус го започна во 2019 година, а во меѓувреме најавија и нова инвестиција која е во тек, а се очекува да заврши до 2024 година. Фабриката се наоѓа ТИРЗ Бунарџик, Скопје.
4. Kostal
Како 4-та на листата се најде Костал Македонија ДООЕЛ - Охрид - германска компанија која од 2016 година е присутна во Македонија, преку своите производствени капацитети во Охрид, каде работат околу 1.000 посветени професионалци од сите делови на државата, снабдувајќи ги најголемите производители на автомобили. Меѓу клиентите на производите на технолошки напредното производство од Охрид, се вбројуваат БМВ, Ауди, Мерцедес, Порше, Тесла, Јагуар, Ланд Ровер, Фолксваген Сеат, Шкода.
3. Dura Automotive
На третото место е американската компанија DURA Automotive - глобален снабдувач на оригинални компоненти за најреномираните производители на автомобили ширум светот. Компанијата се наоѓа во Скопје, во индустриска зона во Илинден. Она поради што испитаниците ја избрале оваа компанија е „стабилноста, солидните плати, добрите плати и перцепцијата за ДУРА како принципиелна компанија“.
2. Kromberg & Schubert
Компанијата Kromberg & Schubert, глобална индустриска групација примарно активна во автомобилската индустрија, која своите производи ги пласира кај најголемите европски производители на автомобили (VW, BMW, AUDI, Mercedes, Škoda...) и вработува преку 40.000 луѓе ширум светот на повеќе од 30 различни локации е на второто место.
1. Johnson Matthey
Компанијата за која се изјасниле најголем дел од испитаниците (19%) е британската компанија „Џонсон Мети”, светски лидер во производство на катализатори за автомобилска индустрија и катализаторски системи за контрола на загадувањето. Џонсон Мети има операции во преку 30 земји во светот и вработува околу 12,000 луѓе. „Најдобри услови и најдобри плати“ – се коментарите на испитаниците кои ја избрале оваа компанија како посакувана за да се вработат.
13% од испитаниците ја избрале опцијата Друга компанија, а најголем дел од нив ја посочиле компанијата Магна како посакуван работодавач.
Целосната анкета со сите гласови и коментари можете да ја видите на ЛИНКОТ.
Во тек е нашата нова анкета - Кој би бил вашиот избор доколку треба да се вработите во некоја од македонските компании за производство на храна? Вашите одговори ги очекуваме на ЛИНКОТ