Веројатно е времетраењето на сертификатите за вакцинација и прележан Ковид-19 во Грција што сега е седум, односно три месеци, да се усогласи со времетраењето на европските сертификати, по препораката од Европската комисија до членките на ЕУ, најави министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервју за грчката телевизија „Скај“, Плеврис рече дека до сите земји членки на Унијата имало препорака од Комисијата да ги унифицираат сертификатите и да важат девет месеци по вакцинацијата и шест месеци по прележан Ковид-19, а конкретното прашање, како и сите мерки поврзани со пандемијата во Грција, ќе го разгледа надлежната Комисија на епидемиолози.
– Нашата земја, поради тоа што сакаше да ја зајакне вакцинацијата, овие временски периоди ги скрати, сертификатот за прележана болест е тримесечен, а за вакцинација велевме дека по седум месеци се сметаш за невакциниран и затоа побарано е од Комисијата на епидемиолози да даде предлог, а бидејќи е насока што доаѓа од Европската унија до сите земји членки во целина, претпоставувам дека ќе предложат усогласување и на нашите сертификати. Односно, сертификатот за вакцинација да биде девет месеци, а потврдата за прележана болест шест месеци. Комисијата ќе заземе став, но очигледно ќе има усогласување, рече Плеврис.
Иако европскиот сертификат за вакцинација е валиден девет, а сертификатот за прележан Ковид-19 шест месеци, во внатрешноста на Грција, времетраењето е седум, односно три месеци, нешто што важи и за странците кои ја посетуваат земјата и доколку се усвои препораката од ЕК, ќе се поедностават правилата за туристите.
Како што неколкупати има објавено МИА, за патување во Грција, сертификатот за вакцинација е со важност од девет месеци по втората доза и без ограничувања по примена бустер доза, а потврдата за прележана болест трае 180 дена.
Во внатрешноста на земјата, сертификатите имаат помало времетраење, па така, иако за влез во земјата европскиот сертификат за вакцинација и прележана болест важат девет месеци по втората доза и шест месеци по првиот позитивен тест, во Грција, за влез во затворените објекти во земјата, валидноста е помала, односно седум месеци за сертификатот за вакцинација и 90 дена за потврдата за прележан Ковид-19.