Моника Стаменковска од Македонска Каменица веќе 5 години работи како стјуардеса и бренд амбасадор на Qatar Аirways. Како е да се живее во Доха, какви се работните задачи и колкава е заработката прочитајте во интервјуто подолу...
Која година и како се пријави за да работиш во Qatar Airways?
Прв пат аплицирав за работа во Qatar Airways во јули 2017 откако видов оглас на facebook дека ќе имаат open day во Македонија, имав дипломирано тогаш и мојот кариерен развој некако го замислував во странство. Во Скопје во Holiday Inn хотелот поминав успешно и во ноември истата година ја држев во рака авионската карта за Катар.
Кои услови треба да ги исполнуваш и како изгледа интервјуто за работа во Qatar Airways?
Треба да имаш убава насмевка :) Треба да имаш шарм, треба да ги освоиш со нешто, зошто однапред знаеш дека влегуваш во борба со преку 200 луѓе, па треба да имаш план и стратегија. Кој бил, знае дека регрутерките поставуваат комплицирани и трик прашања и постојат 9 круга на елиминација преку кои ќе се тестираат твоите способности, издржливост и интелигенција, за во финалните кругови да останат само 4-5 кандидати. Работата вклучува престој на сите континенти па затоа се тестира зрелоста на кандидатите, и докажување дека престојот во различни земји нема да ти биде проблем и имаш одговорност за својот живот и постапки. Инаку задолжителен е англискиот јазик, да бидеш доволно висок/a за достигање на 212 cm, работно искуство, и прифаќање на менување на локацијата на живеење т.е. преселување во Доха каде што е базата на Qatar Airways.
Има ли и други вработени од Македонија и од каде се имаш колеги?
Има нормално и други вработени од Македонија на различни позиции, имаме супервизорки, имаме директорки на бизнис класа, тренери на новите стујардеси, перформанс менаџерки, иако бројката е многу помала во однос на Србија на пример. Инаку, во Qatar Airways како интернационална компанија работат преку 160 националности, па од круцијална важност е прилагодувањето. Во тимското работење мене највеќе ми оди работата со колегите од Тајланд, Кина и Кореа, некако мојот перформанс и начин на работа е сличен со нивниот, па тука секогаш имаме одлично завршена работа и резултат.
Каде сте сместени и кои трошоци ви се покрени? Има ли нешто специфично во културата на Катар?
Сместени сме во центарот на Доха, имаат сместувања на различни локации, па после 6 месеци и завршување на пробниот период можеш да си избереш во кое нивно сместување би сакал да живееш, скоро сите згради се опремени со теретани, базени, клими, паркинг, хемиско перење за униформите и приватни потреби... Сите трошоци се покриени освен интернетот, тоа оставаат на нас да избереме кој пакет сакаме да го користиме и соодветно си плаќаме.
Ако земеме во предвид дека од 2 милиони луѓе во Доха само 300.000 се локалци, т.е Катарци тогаш јасно е дека и нивната култура воопшто и не може многу да дојде до израз. Во Катар има делови кои изгледаат и се баш европски, а специфично во нивната арапска култура е нивната духовна посветеност, инаку како и секоја култура имаат традиционална облека, кујна и многу од нив живееле во странство и се образувале на најдобрите универзитети како Кембриџ и Оксфорд и постои заемна културна интелигенција и почит.
Како изгледаат работните денови во компанијата, колку пати летате и каде?
Имаме месечна програма наречена ростер, и изгледот на ростерот секој месец е различен. Летаме на сите континенти, имаме преку 150 дестинации. Лично јас има прошетано над 80 земји. Постои битинг систем, каде можеш да битуваш до 10 дестинации, кои би сакал да ги работиш наредниот месец. Секој месец добиваш по 2-3 дестинации, на почетокот и повеќе зошто си нов, па сакаат да ти угодат повеќе. И така комбинација од твоите избрани и нивните дадени дестинации прават еден ростер прилагоден на авијациски правила. Пример ако имаш оперирано Америка, мораш да си на земја наредните 2 дена и не можеш да имаш лет додека телото целосно не е одморено и закрепнато. Има различно временско траење на летови, пример леташ до Сеишели 4 часа, остануваш 2 дена и се враќаш назад во Доха т.е базата на Qatar Airways.
Колку пати годишно имаш прилика да се вратиш назад во Македонија?
Одморот е поделен на 15 летни и 15 зимни денови, комбинациите си ги правиме ние во однос на потребите, но помеѓу летовите постојано има 2-3-4-5 off денови па за дома воопшто не е проблем, можеш кога сакаш, јас лично на секои 2 месеци преферирам да сум дома.
Зошто е добро да работиш за оваа компанија и што би им порачала на тие кои се двоумат дали да се пријават?
Станува збор за најдобрата 5* авиокомпанија во светот, па искуството во CV-то отвара многу врати подоцна, оваа работа е добра за луѓето кои имаат динамичен карактер и офис работата и се едната иста рутина ги оптеретува, па секој што сака да го прошета светот, да се прошири културно и интелектуално, да пазарува во најдобрите метрополи, да ја проба храната на сите континенти и култури, а воедно да изгради кариера и да има ектремно добра заработка е добредојден.
Има ли нешто што ти претставува потешкотија или е комплицирано во твојата работа?
Па многу е тешко да те разбудат за на Малдивите на пример и да ти кажат спакувај ги најубавите бикини, и после летање од 4 часа да одиш на еден од најубавите ризорти, да се сончаш цел ден, да ги вкусиш најубавите тропски овошки, да се сликаш цел ден, да го шеташ островот, да одиш на шопинг и така 2 дена и после за сето тоа и да ти платат (низ смеа ни одговори Моника).
Тешко може да биде станувањето наутро на почетокот од работата зошто има полетувања во 2,3,4,5 часот наутро, или оперирање на вечерни летови кога треба да останеш будна цела ноќ, или кога леташ со некој надреден кој има одреден начин на работа и постојано бара нешто од тебе, ама повеќето вработени се кул и премногу се забавуваме на летовите.
Толку многу патувања и посетени земји сигурно носат и многу интересни спомени. Издвој ни некоја интерсна случка...
Мене многу ми се допаѓаат моментите на аеродромите кога ги дочекуваат патниците од некоја дестинација, којзнае колку години тие луѓе се немаат видено, па кога ги гледам на аеродромите тие изливи на љубов, среќа и емоции пропратени со многу прегратки, балони, цвеќиња и мене ми се насолзуваат очите.
Од случки последна интересна ми беше во Сан Франциско каде го немав видено Голден Брич, им реков да колегите ќе отидам до таму, а тие заминаа на шопинг, и така дојде време кога требаше да се вратам во хотелот зошто наближуваше време за летот, но роамингот на телефонот не работеше па не можев да си порачам такси, и не знаев како ќе се вратам, буквално замолив еден возач да застане и го замолив да ме однесе до хотелот и дека ќе му платам добра сума за тоа. Тој се согласи и така почнавме муабет во кола и нешто се шегувавме, накрајот стигнавме до хотелот, ми рече Моника фала ти што ми го разубави денот не треба ништо да плаќаш, ми беше задоволство.
Дали си задоволна од условите и од заработката кои ги нуди Qatar Airways?
Ако земеме во предвид дека условите вклучуваат луксузен апартман со сите вклучени трошоци, храна од најдобрите готвачи и кетеринзи во авионот посебно обезбедена за персоналот кој го оперира летот во моментот, можност за оперирање на која и да посакаш дестинација со навремено букиран хотел од компанијата, можност за патување на нас, нашите фамилии и пријатели со екстремни попусти и месечни заработки кои започнуваат од некои 3000 евра па со напредокот достигнуваат и повеќе од 10.000 евра на месец, мислам дека нема простор за жалење :)
Кои ти се плановите за иднината дали би останала на оваа позиција или би работела нешто друго?
Искуствата во комерцијалната авијација секогаш отвараат врати за приватната авијација која е уште посупериорна и нивното оперирање и менаџмент се мојата наредна амбиција, дотогаш ви посакувам многу позитивна енергија и патувајте колку што можете повеќе па макар и со кола, макар и со автобус или со велосипед. Откривањето на нова дестинација означува нова енергија, нова култура, нова забава, ново искуство, кое останува долго долгооо во сеќавање.
Во моментов Qatar Airways има отворен повик за вработување кандидати од Македонија - Пријавете се на ЛИНКОТ!