Невработените лица и работодавачите од денес ќе можат да аплицираат за мерките – Самовработување, Практиканство и Вработување и раст на правни субјекти.
Од Агенцијата за вработување информираат дека за мерката Самовработување поради големиот интерес обезбедени се финансиски средства за отворање на сопствен бизнис за 2000 лица. Финансиската поддршка за едно лице да отвори сопствен бизнис изнесува 307.500 денари или до 615.000 денари доколку двајца сопружници основаат компанија.
Преку мерката Практиканство, 1620 млади лица до 34 години ќе имаат можност да се вклучат на пазарот на труд и да се стекнат со практични знаења на одредено работно место. Лицата ќе добијат месечен надоместок во висина од 9.000 денари со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход за период до три месеци.
За овие мерки може да се аплицира во 30-те центри за вработување. За мерката Практиканство и Вработување и раст на правни субјекти постои можност за електронска апликација преку системот е - Работа, достапен на веб- страната на Агенцијата за вработување www.av.gov.mk.
За реализација на Оперативниот план за вработување за 2022 година се очекува да бидат опфатени околу 15.000 невработени лица.
извор: kanal5.com.mk