Секој чекор на пешачки е страв за граѓаните да не бидат прегазени, се жалат на хаотичната сообраќајна култура и дека несовесните возачи, кои често се и на телефон позади воланот, не ја почитуваат нивната предност за преминување.
Без разлика дали живееме во голем или мал град, без разлика дали патуваме со автомобил или пак автобус, сите, барем еднаш во денот сме пешаци и како такви очекуваме да сме сигурни во сообраќајот.
Полицијата изминатиов период врши зачестени патроли токму поради овој проблем. Службениците им укажаа на возачите да бидат внимателни и да ги почитуваат пешаците низ градските улици.
Но, недостатокот на сообраќајна култура може да се забележи и кај пешаците. Се претрчува на зелено светло за автомобили, улиците се поминуваат каде што не е обележано, а често на булеварите се прескокнуваат и жардињери. Оние кои ги анкетиравме сметаат дека голем дел од вината припаѓа и на оние кои што одат пеш.
За сообраќајната култура говорат и казните напишани од полицијата во изминативе 3 месеци. Од почетокот на 2022 година, според информациите од МВР, санкционирани се околу 2300 возачи кои не дале првенство на минување на пешак. Санкционирани се и пешаци, дури поголем број, односно полицијата околу 2800 лица од нова година досега.
извор: vecer.mk