Телевизиските куќи ќе мора радикално да се прилагодат на брзорастечкиот свет на онлајн забавата доколку имаат намера да опстанат, предупредуваат експертите.
Телевизиите веќе се обидуваат да стигнат до интернет гигантите од индустријата за игри во борба за вниманието на помладата публика и, следствено, приходите од реклами.
Додека повозрасните потрошувачи на медиумски содржини се сè уште приврзани за традиционалната телевизија, рејтингот меѓу оние под 35 години двојно се намали во изминатата година и драстично ќе опадне како што еволуира метаверзумот.
– Младите луѓе еволуираа од пасивни ТВ гледачи во активни играчи и се оддалечија од екранот (компјутерот) во корист на паметните телефони. Телевизиските канали ќе исчезнат заедно со нивната публика, изјави Фредерик Каваза, коосновач на француска компанија специјализирана за дигитална трансформација.
За да допрат до младите, телевизиските куќи ќе мора да се натпреваруваат со гејмерските платформи како Roblox, Fortnite и Minecraft, кои веќе воспоставуваат доминантна позиција на пазарот и се сметаат за претходници на метаверзумот.
Половина од децата на возраст од 9 до 12 години во САД користат Roblox најмалку еднаш неделно, платформа каде играат игри, слушаат концерти или едноставно се дружат со пријателите.
Радиодифузерите мора да изберат дали ќе останат на сѐ помалиот традиционален телевизиски пазар или ќе почнат да ги носат своите лица и брендови на платформи на метаверзумот.
Телевизиите имаат време да се прилагодат, но се соочуваат со голем предизвик бидејќи истовремено треба да ги задоволат потребите на повозрасните луѓе кои гледаат традиционална телевизија, средовечните луѓе се осврнуваат кон стриминг платформите, а младите копнеат за интерактивна и социјална забава.
Телевизиските куќи досега не беа погодени од падот на приходи од реклами поради технолошкиот напредок, како што беше случајот со другите традиционални медиуми како што се весниците.
Метаверзумот нуди многу поотворено поле на дејствување, каде што брендовите имаат многу повеќе можности да промовираат и директно да им продаваат стоки на корисниците.
Модните и луксузните брендови веќе заработуваат милиони продавајќи виртуелна облека и предмети на Roblox, Fortnite и други платформи.
извор: kajgana.com