За прв пат во деведесетите години, во Јапонија е воведен термин кој ја опишува општата незаинтересираност кај младите.
Поимот Millennials означува генерација која станала полнолетна на почетокот на 21 век. Животот на оваа генерација е проследен со огромен развој на технологија. Производите, како извор на забава се менуваат со вртоглава брзина, светот практично преку ноќ се дигитализира, интернетот ги трга сите бариери помеѓу протокот на информации и комуникацијата.
Учењето на новите програми и апликации не им претставува проблем, бидејќи израснале покрај компјутери, а толеранцијата и отвореноста кон новото се поинакви и општоприсутни. Општо гледано, децата делуваат посупериорно во однос на родителите, но за жал, новиот милениум има и темни страни.
Глобализацијата, покрај поврзувањето на светот, доведува и до некоја форма на социјална изолација – хикикомори. Овој термин се користи за однесувањето на адолесцентите или младите лица кои избегнуваат контакт со околината и се повлекуваат од социјалните активности.
Овој феномен, за прв пат е опишан во Јапонија, каде се наведува дека младите не се заинтересирани да ги завземат своите места на работниот пазар и општиот социјален придонес. Куриозитетот на овој феномен е тоа што нема значајни разлики помеѓу степенот на образование на поединците.
Со оваа состојба, подеднакво се погодени и високо образованите и слабо едуцираните, а разлики нема ни во односот на тоа дали станува збор за истакнати или проблематични ученици.
Поединецот го прекинува секој контакт со општеството, својот живот го заснова на својот сопствен свет во семејната куќа или соба. Во екстремни случаи одбива комуникација со членовите од семејството, ретко ја напушта својата соба итоа исклучиво заради физиолошки потреби, дење спие, а ноќта ја користи за активности кои воглавно се поврзани за интернетот.
Хикикомори, како облик на однесување кај младите, претставува социјален проблем во последните три децении, а препознат освен во Јапонија е и во другите земји, вклучувајќи ја и Европа.
Модерната психијатрија никогаш не ја откри точната причина за оваа појава, но во некои случаи таа може да претходи со депресија, анксиозност или пореметување на личноста. Исто така, во врска со оваа појава, лицата се доведуваат до зависност од интернет, пораст од невработени млади лица, отуѓување како последица од промената на начинот на комуникација во новиот милениум, медиска презаситеност со фикција, наметнување нереални критериуми како за умствена така и за физичка совршеност и слично.