Германските гастрономи и хотелиери немаат работници
По две години пандемија, Германците сакаат да излегуваат и патуваат повеќе од кога и да е досега. Но, гастрономите и хотелиерите немаат доволно работници за да одговорат соодветно на побарувачката.
Повеќето корона-рестрикции во Германија беа укинати пред велигденските празници. Тоа веројатно поттикна уште повеќе луѓе да сакаат повторно да одат на одмор, конечно без маски да одат во ресторан или хотел. По повеќе од две години пандемија, тоа е навистина разбирлива желба.
Тоа е и зрак светлост на долго време затемнетиот хоризонт на германската гастрономија и хотелиерство, потврдува за ДВ Ингрид Хартгес, раководителка на сојузот на компании во оваа бранша, ДЕХОГА: „Речиси две третини од фирмите што ги анкетиравме за ситуацијата со резервации за празникот (Велигден, н.з.) рекоа дека е задоволителна или подобрена.“ По долгиот период на апстиненција, луѓето имаат особено голема потреба за опуштање и уживање.
Увереност и еден стар проблем
Затоа гастрономите ширум земјата повторно ги вадат столовите и масите надвор, а собите во хотелите се уредуваат така да делуваат посебно удобни. Но, очекуваниот наплив на гости на виделина изнесе проблем што долго време предизвикува загриженост во браншата, вели Ингрид Хартгес: „Поради недостатокот на побарувачка за време на пандемијата, во браншата, и покрај сите напори да се задржат работниците, бројот на вработени сепак се намали. Без посебните корона-регулативи, загубата на работници ќе беше значително поголема“.
Конкретните бројки го покажуваат степенот на недостиг на вработени: на национално ниво, во текот на изминатите две години се скратени повеќе од 130.000 работни места со полно работно време, плус повеќе од 217.000 работни места за т.н. „мини џобери“.
Многу од „мини џоберите“ во хотелите и рестораните најдоа друга работа, на пример во трговијата на мало, која функционираше и во време на локдаун. Сега е тешко или невозможно тие луѓе да се вратат назад, бидејќи се навикнаа на уредено работно време и слободни викенди.