Околу 70-80% од туристичките капацитети во Охрид се веќе закупени за претстојните велигденски и првомајски празници, изјави првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски.
За продолжените празнични викенди покрај домашните и од регионот, се очекуваат и странски гости. Покрај тоа истакна дека се потпишуваат и аранжманите за претстојната летна сезона.
– Се надеваме дека со иницијативата „Отворен Балкан“ ќе ја воведеме долгоочекуваната авиолинија Белград-Охрид, а догодина ќе ја овозможиме и линијата Софија-Охрид и Охрид- Варна, рече Јаневски.
Бројот на туристи во Охрид во 2021 година бил поголем од 2019 година, исто така и бројот на остварените ноќевања, со што всушност е надмината последната релевантна година во туристичкиот сектор, 2019-та. Ова покажува дека самиот регон има многу поголеми можности за туристи кои може да не посетат.
Јаневски очекува годинава да се зголеми бројот на турските туристи за 20-30%, натамошен раст на српските гости, како и драстично зголемување за 100 или повеќе проценти на холандските туристи.
– Во 2022 ќе имаме и повеќе чартери. Од средината на мај од Холандија, во јуни од Полска, кон крајот на мај стартува новата линија Тел Авив – Скопје, во почетокот на јуни и новата линија Измир – Скопје, а се очекува и уште една нова линија, а тоа е Марибор – Скопје. Еден од холандските тур-оператори најави дека во јуни ќе има четири чартери, во јули и август се надева дека ќе воведе и петти чартер, односно 80-100 чартери во текот на сезоната што е одличен сигнал за другите дестинации и големите тур-оператори дека земјава е сигурна дестинација. Поголем број туристи очекувам и со рестартирање на WizzAir линиите, истакна Јаневски.
Подвлече дека годинава очекува 2,5 милиони ноќевања и над 400 милиони долари директен прилив од туристичкиот сектор во домашната економија.
извор: ОхридПрес