Министерството за внатрешни работи на Хрватска го стави на јавна расправа Предлог-законот за престанок на важење на Законот за матичен број.
Доколку законот биде усвоен, Хрватска ќе биде првата земја од поранешна Југославија која официјално ќе престане да го користи единствениот матичен број.
Хрватска во 2009 година воведе „личен идентификациски број“ (OIB) кој ќе се користи наместо единствениот матичен број на граѓанинот, а во преодниот период на граѓаните им се доделуваа двата идентификациони броја, пренесува Index.hr.
Матичните броеви на граѓаните одредени до денот на истекот на Законот за матичен број нема да се бришат од постојната евиденција и може да се користат за поврзување и размена на податоци во оние случаи кога поврзувањето на податоците не може да се врши со помош на IOB.
Законот за единствен матичен број на граѓанинот беше воведен низ цела поранешна Југославија во 1976 година, а потоа законот беше донесен од сите републики.
Бројот се состои од 13 цифри, од кои првите седум го претставуваат датумот на раѓање, а следните две го означуваат регионот на раѓање. Претпоследните три цифри се единствен број, а на крајот има контролна цифра.
Во пракса, OIB се користи речиси исклучиво, освен за координација на податоците помеѓу различни државни регистри.
При воведувањето на OIB, хрватските власти како предност на новиот број го посочија тоа што не ги открива личните податоци на граѓаните, но и што овозможува подобар преглед на имотот на граѓаните и правните лица. Бројот го доделува хрватското Министерство за финансии.