Кина вложува големи напори да стане една од водечките сили во вселената, а сега нејзината нова цел е да пронајде планети слични на Земјата погодни за живот.
Кина неодамна ги лансираше првите ровери на Месечината и Марс и изгради сопствена вселенска станица, а сега Кинеската вселенска агенција се приклучува на трката чија цел е да се пронајдат егзопланети погодни за живот. Овој месец, научниците ќе објават детален план за првата мисија насочена кон откривање на Earth 2.0 егзопланети.
Егзопланета е термин кој се користи за сите планети надвор од нашиот Сончев систем, а целта е да се пронајдат оние кои се слични на Земјата и кои орбитираат во зоната на живеење на нивното сонце. Научниците веруваат дека ваква хипотетичка планета Earth 2.0 би можела да има идеални услови за одржување на живот.
Американската вселенска агенција НАСА неодамна објави дека открила повеќе од 5.000 егзопланети, главно благодарение на телескопот Kepler, кој престана да работи во 2016 година. Сепак, ниту една од овие планети технички не ја исполнува дефиницијата за планетата Earth 2.0 затоа што тие не орбитираат во, погодна за живеење, зона на сонце слично на нашето.
Кинеската вселенска агенција се надева дека ќе биде првата што ќе го направи откритието, а нејзиниот нов проект е финансиран од Кинеската академија на науките и се уште е во фаза на дизајнирање. Во јуни се очекува оценка од експертска комисија.
Ако се оди според планот, тој панел ќе му даде на тимот „зелено светло“ да започне да гради свој сателит. Вселенската опсерваторија би требало да биде лансирана со ракетата Long March до 2026 година.
Новиот кинески сателит е дизајниран да носи седум телескопи, од кои шест ќе го истражуваат соѕвездието Cygnus-Lyra, што исто така беше забележано од телескопот Kepler на НАСА. Сателитот ќе има капацитет да набљудува околу 1,2 милиони ѕвезди со видно поле пет пати пошироко од она на Kepler. Тие исто така ќе можат да набљудуваат потемни и подалечни ѕвезди во споредба со оперативниот сателит на НАСА ТЕСС, кој ги набљудува ѕвездите поблиску до Земјата.
„Нашиот сателит може да биде 10 до 15 пати помоќен од Kepler на НАСА кога станува збор за капацитетот за истражување на небото“, рече Џијан Ге, астроном што ја води мисијата Earth 2.0.
Телескопите ќе детектираат егзопланети со детектирање на паѓањето на светлината на ѕвездите, што ќе биде доказ дека планетата орбитира. Седмиот телескоп ќе се користи за пребарување на егзопланети кои не орбитираат околу ѕвездите, како и оние кои орбитираат далеку од нивната ѕвезда.
Во потрагата по планетата Earth 2.0, научниците мора да потврдат дека таа има слична орбита како Земјата и дека орбитира околу Сонцето од прилика еднаш годишно. Затоа, кинескиот сателит ќе биде програмиран на особено „густ“ дел од Млечниот Пат во период од четири години.
„Очекуваме многу податоци, па ни треба сета помош што можеме да ја добиеме. Мисијата Earth 2.0 е можност за подобра меѓународна соработка“, заклучи Ге.