По ограничувањата што ги наметна ковид-19 во изминатите две години на гевгелиските улици повторно се слуша грчки. Сепак, будењето на локалната економија, зависна од посетите и трошењето на Грците, не оди толку лесно и брзо, барем не за некои дејности.
Попушта ковид-19 пандемијата. Владите ги олабавуваат мерките, а со тоа и условите за патување. За Гевгелија, градот близу најголемиот граничен премин со Грција, сето ова значи олабавување и на економската криза.
Локалната економија, од казина до пазари, која во голем дел зависи од муштерии од Грција, речиси и да замре во изминатите две години.
„Никакво, еуфорија немаше. Сѐ беше затворено. А сега е друго. Гевгелија живее од Грците, не само од Македонците“, вели жителка на Гевгелија
Од 360stepeni.mk велат: Гевгелија ја посетивме во четврток, пазарен ден. Имаше Грци, но не како пред пандемијата. Според гевгеличани, ќе треба време сѐ да се врати по старо, но барем работите одат во посакуван правец.
„Сега, од овој месец, почнува по малку да се стабилизира. Ако прошетавте денеска видовте дека има веќе. Почнаа Грците да доаѓаат“, рече жител на Гевгелија.
Не се пречка само ковид протоколите на граница, туку и опаднатата куповна моќ на Грците. Гевгеличани велат – и таму е криза. Се е поскапено и во Гевгелија иако, сепак, парите во земјава вредат повеќе.
„Тука многу повеќе им се исплаќа да трошат пари во врска со тоа што им е поевтино. Кај нив е поскапо, нормално поголем им е стандардот кај нив“, додава тој.
Во Гевгелија сѐ е двојазично, многумина зборуваат грчки, се создаваат пријателства, а се повеќе Грци решаваат тука и да живеат.
„Живеам во Гевгелија четири години, бидејќи се оженив со девојка од Гевгелија. Да, вистина е дека овој град во голема мера се потпираше на Грците, но што да правиме. Дојде ковид и нѐ затвори сите внатре, што да правиме. Полека, полека доаѓаат луѓето повторно, не ги растуривме врските, сѐ е добро“, вели Александрос Мирковиќ – Грк кој живее во Гевгелија.
Со укинување на вакциналниот сертификат влезот во земјава ќе биде без ограничувања. Со почетокот на туристичката сезона на 1 мај, пак, се очекува и Грција да го „олабави“ преминувањето на границата.
Гевгелија е меѓу градовите со најнизок процент невработеност во земјава кој успева да го одржи и покрај кризниот период.
Според пописот, Општина Гевгелија има 21 582 жители, а во март годинава имала 1 411 невработени.