Годинашното, 34. издание на Саемот на книгата се враќа во редовниот, пролетен термин на одржување, од 3 до 9 мај, во арената „Борис Трајковски“.
За време на саемските денови, сите позначајни издавачки куќи ќе се претстават со своите најнови изданија за 2022 година, ќе се реализираат средби со автори, но и голем дел промоции и попусти.
– Покрај враќањето на Саемот на книгата во редовниот термин на одржување, се очекува да се вратат и групните посети за учениците од средните и основните училишта на државата. Како една од најзначајните манифестации од областа на културата, Саемот нуди богата програма за деца и млади, со која најмладите посетители ќе можат да уживаат во светот на книгите. За време на Саемот ќе бидат организирани и работилници и промоции на нови изданија за деца – велат организаторите.
По повод 5 Мај, Ден на македонскиот јазик, ќе се одржи промотивен настан насловен „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата!“, со почеток во 19 часот, во промотивниот центар во арената „Борис Трајковски“. Настанот е во организација на „Арс ламина“ – Скопје. На промотивниот настан ќе им се даде осврт на најзначајните творци на македонската книжевност: Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев итн.
Во седумте саемски денови ќе се одржат повеќе од 30 промоции на нови изданија и автори во промотивниот центар, а ќе има и гостувања на странски автори. Ќе бидат доделени и наградите на МАИ (Македонска асоцијација на издавачи).
На 34. издание на Саемот на книгата 2022 ќе се претстават повеќе од 60 издавачки куќи од Македонија, како и од Турција, Србија, Косово, Албанија. Значајно претставување оваа година ќе има Турција преку своето Министерство за култура и туризам, а во соработка со турскиот културен центар „Јунус Емре“. Во рамките на нивниот штанд се најавени многу активности со уметници и автори од оваа земја.
извор: novamakedonija.com.mk