Со неколку настани денеска ќе биде одбележан Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, кој беше прогласен во 2019 година со одлука на Владата.
Денеска, на Денот на македонскиот јазик, со свечен, виртуелен настан ќе бидат одбележани 60 години од отпочнувањето на изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана. Во академската 1961/1962 година, во Љубљана беше отворен првиот лекторат по македонски јазик во светот, за набрзо потоа да прерасне во Катедра за македонски јазик и книжевност, којашто и денес успешно функционира во рамките на Одделот за славистика.
По овој повод, честитка до Филозофскиот факултет во Љубљана упати дирек торката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
На овој ден во 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и правописот на македонскиот јазик. Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со основоположничките дела на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
- Од тој момент, македонската азбука и правопис почнуваат да се користат во практиката и се впрегнуваат во секојдневната јазична употреба од сите сфери на животот. Тестот на писмената практика – македонскиот јазик го положува со највисока оцена. Доказ за тоа се илјадниците дела напишани на македонски јазик со македонска азбука и правопис: и тоа од уметничка литература до врвни научни дела, од разговорен јазик до јазик на општеството, просветата, културата и медиумите, соопшти Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
По повод 5 Мај, Катедрата нагласува дека повеќе од седум децении македонскиот јазик е признат член на светското јазично семејство, на чие истражување работат не само македонските туку и голем број познати странски научници.
- Македонскиот јазик е темелот на македонскиот идентитет. Круната на неговата кодификација е 5 мај 1945, денот што денес го прославуваме. Иако првпат е прогласен за службен јазик во нашата држава на 2 август 1944, на Првото заседание на АСНОМ, континуитетот во развојот на македонскиот јазик го следиме уште од X-XI век, кога во црковнословенските ракописи се појавуваат првите типично македонски зборови. Тој развој продолжува низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на XVI век. Во XIX век веќе се појавува и јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што кулминира во делото „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903 година, посочува Катедрата за македонски јазик.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА