Германскиот конгломерат „Сименс“ го претстави моторниот воз којшто се движи на водород, развиен со германскиот железнички оператор „Дојче бан“. Предвидено е да почне да сообраќа во 2024 година во регионалниот транспорт.
Новиот модел на воз наречен „Мирео плус X“ работи на „зелен водород“, произведен со чиста енергија, а по согорувањето испушта само водена пареа. Употребата на гасот водород како гориво без загадувачки влијанија, е дел од проектот на германската Влада, којашто исто така сака „да електрифицира 75 отсто од железничката мрежа до 2030 година“.
Во зависност од конфигурацијата, возот ќе може да мине од 800 до 1.000 километри, со максимална брзина до 160 километри на час, се наведува во соопштението.
„Мирео плус Х“ ќе се тестира на линиите Баден-Виртемберг во 2023 година, а во редовен сообраќај ќе биде пуштен во 2024 година, меѓу градовите Тибинген, Хорб и Форчајм. Со оваа програма, „Сименс“ се обидува да го достигне својот француски конкурент „Алстом“, којшто веќе продава патнички возови на водород – 41 воз беа нарачани од две германски провинции, а тестови беа спроведени во Австрија, Холандија, Полска, Шведска и Франција.
извор: pressingtv.mk