Според оптимистички прогнози, првите идентификациски броеви се очекува да бидат издадени на крајот на мај или почетокот на јуни, што би значело дека уште ова лето може да има голема флуктуација на работна сила во трите земји
Привршуваат последните подготовки за добивање идентификациски броеви на „Отворен Балкан“, односно дозвола за работа без бариери во Албанија, Србија и Северна Македонија.
Без никакви административни бариери граѓани на Србија, Северна Македонија и Албанија ќе можат да бараат работа и да се вработат во некоја од трите земји, со помош на идентификациски броеви што се предвидени со иницијативата „Отворен Балкан“.
Според оптимистички прогнози, првите идентификациски броеви се очекува да бидат издадени на крајот на мај или почетокот на јуни, што би значело дека уште ова лето може да има голема флуктуација на работна сила во трите земји.
Од надлежните институции потврдуваат дека се работи на усогласување на техничките детали за оваа постапка. Како ќе изгледа таа повеќе информации даде советникот на претседателот на Стопанската комора на Србија, Ненад Ѓурѓевиќ во гостување на РТС.
„Секој граѓанин кој сака да се вработи во една од овие три земји, преку порталот е-Управа ги внесува своите основни податоци: број на лична карта или пасош и други податоци кои потврдуваат дека се работи за таа личност. Преку тој портал добива идентификациски број на ‘Отворен Балкан', со кој практично стекнува право да конкурира за работа во која било од овие три земји. Очекуваме и се надеваме, на следниот самит на ‘Отворен Балкан' кој треба да биде во почетокот на јуни во Скопје, да се издадат тие идентификациски броеви, односно лични карти и да почне сезоната за нивна работа во трите држави“, вели Ѓурѓевиќ.
Во согласност со нормите на ЕУ
Постапката треба да биде усогласена во трите земји. Во моментов таа предничи во Србија, а истите технички карактеристики за подготвка на постапката се следат и во Албанија и Северна Македонија. Целта е да има унифициран пристап, но и достапни информации на четири јазици: македонски, албански, српски и англиски.
Според Ѓурѓевиќ, постапката за добивање идентификациски број не е задолжително да се спроведува од домицилната земја. На пример, ако македонски или српски граѓанин се затекнале во Тирана, тоа ќе може да го сторат и од таму, да побараат и добијат број и веднаш да бараат работа, без да се враќаат дома.
Притоа, ќе се води сметка сите правила да бидат во согласност со нормите на ЕУ.
„Покрај поврзувањето на овие три земји на пазарот на труд, целта е да се направи сѐ што е договорено во рамките на ЕУ. Нашата цел не е да се создаде одвоен пазар надвор од светот, туку пазар кој утре рамноправно може да се приклучи на единствениот пазар на ЕУ“, објаснува Ѓурѓевиќ.
Договорот ќе подразбира поедноставни процедури за влез, движење, престој и работа, а траењето на работната дозвола најверојатно ќе биде поврзана со периодот во кој е предвиден договорот со работодавачот, но за тие детали сѐ уште се разговара.
Целиот текст прочитајте го на dw.com