Сè уште не е донесена одлуката за менување на правилниците за увоз на половни возила, со која ќе се забрани увозот на возила со под ЕУРО 5 стандард на емисија на издувни гасови.
Ова е одговорот што Мета.мк го доби од Министерството за економија и Владата во однос на нашето прашање кога ќе се оствари најавената мерка за забрана за увоз на стари автомобили, камиони и автобуси што влијаат негативно на загадувањето на воздухот во земјава.
Од надлежните институции нема најава ниту од кој датум би требало да почне да важи забраната за увоз на возила со под ЕУРО 5 стандард. Министерството за економија првично ветуваше дека увозот на возила постари од 10 години ќе биде забранет во текот на 2021 година, за кон крајот на минатата година ваквата мерка да се одложи за 2022 година. Веќе поминаа пет месеци и од тековната година, но нема одлука по ова прашање.
Конечната одлука за промена на нивото на емисија на издувни гасови за возилата кои се увезуваат треба да ја донесе Владата, додека анализата на правилниците кои произлегуваат од Законот за возила и определувањето на техничките спецификации го врши Министерството за економија.
Подетални информации на темата, прочитајте на meta.mk.