По речиси 30 години завршува ерата на играње „ФИФА“. Долготрајната серија фудбалски игри на компанијата „EA“ (Electronic Arts) ќе заврши со „ФИФА 23“, а новата сезона следната година ќе ја продолжи под ново име – „EA Sports FC“.
Причината за преименувањето е тоа што „ЕА“ и Меѓународната фудбалска федерација – ФИФА се разделуваат откако фудбалските власти побарале зголемување на таксата од 150 милиони долари што компанијата „ЕА“ ја плаќа за лиценцата за името ФИФА, пишува „Си-нет“.
Во меѓувреме, „ЕА“ ги уверува играчите дека и под новото име, играта ќе вклучува над 19.000 играчи и 700 тимови во 30 лиги, вклучувајќи ги англиската Премиер лига, шпанската Ла Лига, германската Бундеслига, италијанската Серија А и други. Играта и понатаму ќе ги вклучува и натпреварите од „Лигата на шампиони“ на УЕФА.
Сепак, под новото име играта нема да ги содржи натпреварите од Светското првенство, што беше случај досега.
„ФИФА 23“, последната игра од ФИФА-серијата што ќе биде објавена наесен, ќе вклучува натпревари од Светското првенство за жени и за мажи. Светското првенство за мажи во Катар започнува во ноември, додека женското првенство ќе се одржи во Австралија и Нов Зеланд во јули догодина.
Брендот за игри ФИФА започна со играта „FIFA International Soccer“ во 1993 година, што ја прави една од најдолгите серии на видео игри.
извор: meta.mk