Во скопската зоолошка градина се родија бебиња од загрозениот вид бели волци (canis lupus arctos).
Како што информираат од ЗОО Скопје младенчињата се стари три недели, а белата боја на крзното, како на нивните родители, ќе ја добијат со текот на времето.
„Волчињата се заедно своите родители и тие се грижат за нив во нивното живеалиште. Мајката ги роди во дувло коешто сама го направи и таму скриени го поминуваат поголемиот дел од денот. Во многу земји на Европската Унија овие волци се строго заштитени со Бернска конвенција“, се наведува во соопштението.
Белите волци во Зоолошка градина во Скопје пристигнаа од Чешка во 2020 година.
Арктичкиот волк (Canis lupus arctos) е подвид на сивиот волк кој ги населува арктичките региони на Северна Америка и Гренланд. Познати се и како поларни волци или бели волци.
„Овој вид волци спаѓа во загрозените видови, но не од човекот (нивно ловење), туку од климатските промени кои се случуваат на Арктикот. Нарушениот еко систем во овие делови значително го намали бројот на овие животни во последните години“, стои во соопштението.
За потсетување, оваа пролет во Зоолошката градина во Скопје се случува вистински „бејби бум“, односно се родија три лавчиња, белорак гибон, мала лама, бебиња кенгури, лемури, берберска овца, камила и најновите бебиња бели волци.