Средношколецот Никола Спировски го освои првиот златен медал за Македонија на 39-та Балканска математичка олимпијада (БМО) која се одржа во Аргос, Кипар.
Покрај златниот медал, репрезентацијата се закити и со два сребрени медали на Дамјан Давков и Јан Стојановски, еден бронзен медал на Алексиј Тасиќ и две пофалници кои ги освоија Јасна Илиева и Блаже Суклевски.
Македонската репрезентација со овие резултати го постигна најголемиот екипен успех со освоени сто и осумнаесет поени и по бројот на освоени медали го зазеде третото место после Романија и Грција.
Македонската репрезентација составена од средношколците: Никола Спировски, Алексиј Тасиќ, Јасна Илиева, Јан Стојановски, Блаже Суклевски како и основецот Дамјан Давков го постигна најдобриот екипен резултат досега.
За постигнатиот успех од името на Град Скопје им беа доделени пофалници и награди на сите учесници со надеж дека и во иднина ќе нѐ радуваат со позитивни резултати и ќе претставуваат поттик и мотивација за идните генерации.
Овој голем успех влева огромна надеж за македонската математика и посакуваме да биде стимул за многу поголеми заложби и уште многу повисоки пласмани на македонските репрезентации во иднина – велат од Сојузот на математичари.