Семејната фарма Дуванчиќ се наоѓа во малото хрватско село Развоџе, каде што денес има само 170 жители. Иако повеќето од нив се постари луѓе, има и неколку млади семејства кои решиле да се вратат или да не го напуштат родното село.
По завршувањето на студиите, Марко Дуванчиќ се вратил и таму изградил импресивна фарма, која денес покрај лозовите насади што зафаќаат површина од 13 хектари во срцето на Далмација, има винарија што произведува седум видови на вино.
Дел од имотот е дом за домашни животни, магариња, овци и кози, кокошки … Исто така има и ресторан „Пилипови двори“ и необични простории за гости во рамките на „Таверната на дедо Марко“. Изградени се и дополнителни содржини, тениско и детско игралиште и базен …
Застапени се дури седум сорти грозје, од кои ова вредно семејство произведува седум сорти вина и два вида просеко. Иако 60 до 70 проценти од производите се продаваат во неговиот ресторан, кој вклучува и просторија за дегустација, дел од виното од неговата винарија е достапно и во рестораните низ Хрватска.
Како семејна фарма, можеле да имаат максимум 20 легла и решиле да одат со полн капацитет. Идејата била да се започне со изградба на објект од камен, кој убаво би се вклопил во дадените рамки на селото.
За жал, вели Марко, морале да се откажат од таа опција, поради превисоките цени.
„Случајно, една винарска визба отиде во стечај и го продаваше својот имот. На списокот се најдоа и автохтони дабови буриња. Штом ги видов, ми дојде идеја што може да се направи од нив“, вели креативниот сопственик на семејната фарма. Тој купил вкупно осум буриња, шест големи, секое од по 43 илјади литри и две помали од 21 илјади литри.
Откако ги донел на имотот, се изготвил проектот и била добиена градежна дозвола, што траело две години, а потоа започнала изградбата на необичната населба со буриња, која била завршена и пуштена во употреба за една и пол година.
Мешавина од традиционално и модерно
Во бурињата порано се чувало вино, а денес се крунисани со четири сонца, што е највисока категорија во категоризацијата на соби во руралните домаќинства, што е еднакво на пет ѕвезди.
„Со пренамена на бурињата, во кои порано се чувало вино, добивме седум соби, секоја со површина од 21 метрар квадратен. Двете помали се споени во една соба и таа е единствената соба со раздвоени кревети. Мебелот, исто како и бурињата, е автохтон, претежно од периодот на преминот од 19 во 20 век“, опишува Марко и открива дека првичната идеја била да се постават расфрлани како во селото на Штрумфовите, без никаков план. Но бидејќи бурињата се вредни антиквитети, тие се стари над 120 години, а дабот од кој се произведени е сè уште во совршена состојба, му било жал што, без оглед на заштитните облоги, да бидат изложени на дожд и бури, што по некое време, би предизвикало распаѓање на дрвото. Затоа ги заштитиле со натстрешница во облик на L, а предните страни останале отворени и имаат поглед кон базенот.
Првите гости биле примени пред шест години, а целата инвестиција вредела околу еден и пол милиони куни.
извор: agrotim.mk