Се верува дека технолошките компании ги плаќаат некои од најдобрите плати денес.
За да се увериме, ајде да го погледнеме најновиот извештај на „Wall Street Journal“.
Меѓу 25-те најдобри просечни годишни плати за минатата година, 12 се од технолошки компании.
Се прашувате колку добиваат вработените во „Tesla“, „Apple“, „Google“, „Microsoft“, „Twitter“ или „Amazon“?
Пред да ве запознаеме со конкретни бројки, мора да појасниме дека се работи за просечна плата, која се добива со делење на платите на сите вработени со нивниот број. Односно има разлика во платата, во зависност од тоа на која позиција сте во компанијата, објаснува сајтот „Indeed“.
„Google“ и „Facebook“ се лидери по просечната годишна плата, но не само меѓу технолошките компании.
„Google“, кој моментално има околу 156.500 вработени ширум светот, минатата година платил просечна плата од 295.884 долари или 8% повеќе отколку во 2020-та година.
„Facebook“ , пак, нуди просечна годишна плата од 292.785 долари – 11% повеќе од претходната година. Компанијата на Марк Цукерберг има речиси 72.000 вработени, информира „iproup.com“.
Во топ 10 е и „Twitter“. Социјалната мрежа плаќа просечна годишна плата од 232.626 долари или 13% повеќе отколку во 2020-та година.
„Netflix“, со своите 11.300 вработени, пријави просечна плата од 201.743 долари во 2021-ва година. Тоа значи намалување од 8% во споредба со 2020-та година.
Вработен во „Microsoft“ и „Apple“?
Во извештајот на „Wall Street Journal“ не се споменуваат конкретни податоци за „Microsoft“, иако има некои информации од други платформи. Проценетата сума е околу 162.818 долари просечна годишна плата.
Што се однесува до „Apple“, компанијата има околу 154.000 вработени и просечни плати од 68.254 долари во 2021-ва година или 18% повеќе отколку во 2020-та година.
„Amazon“ и „Tesla“
Компанијата, основана од Џеф Безос, има повеќе од 1,6 милиони вработени ширум светот и во 2021-ва година исплатила просечна годишна плата од 32.855 долари (13% повисока од 2020-та година).
Ако се сеќавате, минатиот февруари компанијата потврди дека ќе ја зголеми границата на годишната плата од 160.000 долари на 350.000 долари.
Ако ја погледнете компанијата на Илон Маск, треба да знаете дека просечната годишна плата за 2021-ва година таму изнесувала 40.723 долари. Ова е за 12% помалку отколку во 2020-та година.