Поради инфлацијата која зема замав во Европа, македонските работници пред да се одлучат за работа во странство, без разлика дали се работи за Хрватска, Малта, Германија, или некоја друга држава, калкулираат колку ќе заработат, колку ќе потрошат, и колку пари ќе им останат.
Во повеќето земји, платите не растат толку брзо како што сега се зголемуваат трошоците за живот. Граѓаните најчесто се распрашуваат колку ќе ги чинат режиските трошоци во земјата каде планираат да одат. Цените на храната се споредна работа за нив, затоа што и онака настојуваат да пазарат на места каде намирниците се најевтини. Дел од нив се премислуваат, ако сумата која очекуваат дека ќе ја заработат не е онолку колку што првично сметале. Оваа појава дојде до израз сега кога инфлацијата „ја тресе“ Европа, но и претходно го имаше истото, кога пандемијата на коронавирусот го зафати светот.
Инфлацијата на потрошувачките цени во еврозоната се искачи на највисоко ниво досега. Потрошувачките цени во еврозоната се зголемија за 8,1 отсто на годишно ниво во мај, што е рекорд од воведувањето на единствената валута. Јазот помеѓу највисоките и најниските стапки на инфлација меѓу 19-те земји-членки нагло се зголеми. Малта е со стапка на инфлација од 5,6 отсто во мај, а за споредба во Естонија, инфлацијата достигна 20,1 отсто минатиот месец, што е разлика од 14,5 отсто.
извор: faktor.mk