„Светот на Биби“ е првата македонска анимирана серија што ќе се прикажува во странство. Омилените домашни анимирани ликови Биби и Боби ќе се емитуваат во Хрватска, откако правата за емитувањето на серијата во Хрватска ги откупи телевизијата „Нова“.
Продуцентите на серијата велат дека интерес пројавиле и други европски земји. „Нова“ ги откупи сите 26 епизоди, кои ќе бидат синхронизирани на хрватски јазик.
За потсетување, првата епизода на „Светот на Биби“ беше емитувана во октомври 2018 на „Јутјуб“, каде што некои содржини од серијалот постигнаа повеќе од милион прегледи. Серијата од пред две години се прикажува и на Македонската телевизија.
Главна сценаристка на серијата е Билјана Црвенковска, Михајло Димитриевски-Тхе Мичо е уметнички директор, а како режисери се менуваа Гоце Цветановски и Никола Чикос.