Во Скопје сообраќајниот шпиц веќе не е само во термините кога повеќето одат и се враќаат од работа. Цел ден улиците се преполни. Сето тоа е поради фактот дека градот се полни и полни со нови жители. Едноставно, Скопје вакво какво е со оваа инфраструктура одамна важи за пренаселен град.
Во 1914 во Скопје живееле само 47.384 жители, а со пописот во 2002 година беа изброени 506.926 жители. Подоцна, кога на градот беа припоени и општините Сарај и Кондово, се процени дека градот има околу 668.000 жители. Кога на овие бројки ќе се додадат и бројни граѓани кои живет во градот, а се со лични карти од други места низ Македонија јасно е дека таа бројка изнесува и преку 700.000 жители.
За град за кој своевремено се предвидуваше дека треба да има околу 300.000 жители тоа е секако премногу. Повеќе е и од предвудувањата кое го имаше се уште важечкиот Генерален урбанистички план за Скопје во кој е наведено дека градот до 2022 година треба да има 634.200 жители… Се бара ли чаре за ова?
Инаку, од избори до избори, никој од кандидатите за скопски или општински градоначалници не го спомнува проблемот со пренаселеноста на градот. Наместо тоа, само се води сметка за градби на нови згради, нови населби и прибирање на пари за градежни комуналии во градска и во општинските каси. А проблемите во градот стануваат се потешки. Проекциите за јавен превоз, за комунална инфраструктура и за се друго брзо „застаруваат“ заради неводење сметка за зголемувањето на градот.
Може ли Скопје да издржи уште бранови на нови доселени жители?
извор: skopskoeho.mk