Новата анализа на податоците од Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA) покажува дека половина од сите станици за полнење на електрични автомобили во Европската унија (ЕУ) се концентрирани само во две земји – Холандија (90 илјади) и Германија (60 илјади).
Овие две земји сочинуваат помалку од 10% од вкупната површина на ЕУ. Другата половина од сите полначи се расфрлани во другите 25 земји-членки, покривајќи 90% од областа на регионот.
Разликата меѓу земјите на врвот и на дното на рангирањето е огромна. Холандија – земјата со најразвиена инфраструктура за полнење – има речиси 1.600 пати повеќе уреди од земјата со најмалку развиена инфраструктура (Кипар, со само 57 точки за полнење). Всушност, само Холанѓаните имаат полначи колку 23 земји-членки заедно, според ACEA.
Што се однесува до дистрибуцијата на инфраструктурата, постои јасна поделба меѓу земјите од Централна и Источна Европа, од една страна, и земјите од Западна Европа, од друга страна. На пример, во голема земја како Романија – околу шест пати поголема од Холандија – се наоѓаат само 0,4% од сите полначи во ЕУ.
Иако има нагло зголемување на бројот на уреди во ЕУ во последните пет години (+ 180%), нивниот вкупен број (307.000) е далеку од целта.
За да се спроведат плановите за намалување на емисиите на јаглерод во секторот, продажбата на електрични возила ќе мора масовно да расте во сите земји на ЕУ. Една неодамнешна студија покажува дека до 2030 година ќе бидат потребни до 6,8 милиони јавни станици за полнење за да се постигне предложеното намалување од 55% на емисиите на автомобилите – што значи дека регионот треба да го зголеми бројот на станици за полнење над 22 за помалку од 10 години.
Регулативата за инфраструктура за алтернативни горива (AFIR) – предложена од Европската комисија (ЕК) минатата година – има за цел да им помогне на овие аспирации. Но, нивото на амбиција е сосема недоволно, истакнува ACEA.
„Иако некои земји напредуваат кога станува збор за распоредувањето на инфраструктурата, мнозинството заостанува“, рече генералниот директор на ACEA, Ерик-Марк Хутема. „Очигледните разлики ја покажуваат потребата од силните цели за AFIR кои се усогласени во сите земји-членки на ЕУ“, додаде тој.
ACEA ги повикува политичарите да ја зголемат својата амбиција за AFIR, така што регулативата може да помогне да се постигне целта за изградба на „доволно густа европска мрежа на станици за полнење што се протега од север кон југ и од исток кон запад“, рече Хутема.