На меѓународната сцена дојде до пад на цената на суровото железо, материјал, пак, кој се користи во голем процент во градежната индустрија, па затоа и се очекува дека може да го запре вртоглавиот раст на цената на становите, проследено и со евентуален очекуван пад на побарувачката.
Во Македонија, пак, засега нема никакво намалување ниту на цената, ниту на побарувачката за станови, иако голем процент од становите се сметаат како празни.
Од агенциите за недвижности со кои комуницираше Фактор велат дека побарувачката за станови во земјава и особено во главниот град засега нема никакви знаци на стивнување, ниту, пак, има било какви изгледи за намалување на цената на становите.
Сепак, дел од сопствениците на агенциите коментираат дека цените веќе го достигнале својот плафон и дека ќе стагнираат, но нема никакви изгледи да се намалат.
Оттаму се согласуваат дека цените на становите во земјава ги поминаа сите логични граници, но, како што нагласуваат, нема интенции ниту дека ќе се намалат.
Податоците на Народна банка на Македонија за мај, говорат дека во тој месец, иако сумата на доделени станбени кредити продолжила да се зголемува, порастот е понизок во однос на април. Или, во мај се доделени нови станбени кредити на износ од 14 милиони евра, додека, пак, таа сума на нови станбени заеми била многу повисока во април и изнесувала 44 милиони евра.
Последен податок за растот на цената на становите е оној за првиот квартал од годинава, кога годишната стапка на пораст беше највисока досега и изнесуваше 12,4 отсто, откако и во последниот квартал од ланската година стапката на пораст беше огромна и беше на ниво од 11,2 проценти, што следуваше, пак, после далеку пониски стапки на пораст во претходните квартали.