Според планот на ЕУ, од 2035 година треба да бидат дозволени само нови автомобили без емисии на ЦO2. На инсистирање на Германија, отворена останува една задна врата за моторите со внатрешно согорување.
Овие гранични вредности им се зададени на производителите и означуваат колку ЦO2 е дозволено да испуштаат нивните автомобили и комбиња при работа. Тоа значи дека веќе нема да смеат да се продаваат нови автомобили со конвенционален погон, односно со мотори со согорување.
Европа „ги постави насоките за поголема заштита на климата во сообраќајот“, изјави германската министерка за животна средина Штефи Лемке.
Е-горивата обично се произведуваат од вода и ЦO2 и притоа се користи електрична енергија. Дали производството е еколошко, зависи од тоа од каде доаѓа електричната енергија и колку и какви средства и работа се вложуваат за производство на горивата. Сепак, Европскиот парламент, кој веќе на почетокот на јуни се согласи за укинување на моторот со согорување од 2035 година, е против давање поголемо значење на синтетичките горива.
Покрај условите за нови автомобили, 27-те земји на ЕУ се договорија и за климатски социјален фонд од 59 милијарди евра и реформа во трговијата со емисии на гасови.
извор: dw.com/mk