Според Организацијата за храна и земјоделство на ОН, околу една третина од светската храна се губи или се фрла, додека во Европската Унија годишно се губат околу 87,8 милиони тони храна. Губењето и фрлањето на вишокот храна истовремено придонесува за високи економски трошоци, несигурност на храна, неухранетост, потрошувачка на вода и има влијание врз животната средина и ограничените природни ресурси, се вели во извештајот на Истражувачкиот центар.
Тие наведуваат дека клучните принципи за намалување на отпадот од храна се содржани во Директивата на ЕУ за отпад, која меѓу другото ги повикува земјите-членки: да го намалат создавањето отпад од храна на патот од примарното производство до дистрибуција; намалување на отпадот од храна во домаќинствата; поттикнување на донирање храна и други форми на редистрибуција за човечка исхрана, давајќи им приоритет на човечката потрошувачка пред употребата како добиточната храна и преработка во непрехранбени производи, како и да го следи и оценува спроведувањето на мерките за спречување на фрлање храна.
На пример, словенечкиот закон за земјоделство им забранува на трговците да им ги враќаат на производителите на храна испорачаните и непродадени производи на кои им е истечен рокот. Овој закон му забранува на трговецот да ја злоупотребува својата пазарна моќ и со тоа да ја искористува другата договорна страна, односно трговецот не може да го услови земјоделецот или друг производител на храна да му го продава производот но под услов да може да ги врати сите непродадени количини по истекот на рокот и без надомест.
Овој закон, исто така, предвидува дека храната има два датума за рок – „датум на истекување“ и „најдобро да се употреби до“, што им овозможува на трговците и производителите да донираат храна на којашто ѝ истекува рокот „најдобро да се употреби до“, со даночни олеснувања, и тоа обично за народните кујни, Црвениот крст или слични институции.
Првата земја што усвои такви закони беше Франција во 2016 година, која воведе обврски кон супермаркетите кои работат во објекти поголеми од 400 квадратни метри бесплатно да ја редистрибуираат храната што не може да се продаде, но е сѐ уште безбедна за користење, и тоа на непрофитните организации кои се занимаваат со понатамошна дистрибуција на храната на луѓе кои се лишени од доволно прехранбени производи. Слични закони потоа беа усвоени од другите земји членки на ЕУ, а има и некои директиви на ЕУ кои се однесуваат на оваа проблематика на ниво на целата Унија.
извор: zelenaberza.com.mk