Веќе од вториот викенд во јули се очекува сите продавници во туристичките места да ги отворат вратите, откако во изминатите шест месеци беа под клуч поради тоа што за нив недела беше неработен ден.
Со измените на Законот за трговија. што Собранието ги усвои на почетокот на неделава, опфатот на трговците кои можат да работат во недела со тоа што на вработените ќе им исплаќаат за 100 проценти зголемена дневница, се прошири на оние во туристичките места, предвидени со Законот за туристичка дејност.
Во јавноста се создаде забуна околу тоа кое место има третман на туристичко, а кое не, што остава простор за изигрување на новите правила за работа во недела. Но, законот за трговија прецизно определува што е туристичко место, правејќи поделба на езерски и планински туристички места, места каде што се практикува рурален и алетернативен туризам, потоа туристички атракции, како на пример старите чаршии, а како туристичко место го опфаќа и Скопје, односно одредени негови делови.
Така што, како туристички места се наведени Охрид, Струга, Дојран и Преспа. Како планински туристички места се наведени Попова Шапка на Шар Планина, Маврово на Бистра, Нижеполе и Копанки на Пелистер, Крушево, Бушева Планина и Пониква на Осоговските Планини. Како места за алтернативен и рурален туризам во Законот се набројани само Берово, Брајчино и Вевчани.
Во Скопје како туристичка дестинација, третман на туристички места имаат само Старата чаршија, плоштадот, кањонот на Матка и Калето. Во стари чаршии како туристичка атракција освен Старата скопска чаршија спаѓаат и охридската, струшката, прилепската и битолската чаршија.
Според изменетиот Закон за трговија, само продавниците на мало што се наоѓаат на овие локации, ќе можат да работат во недела и на празник. Тие се придружуваат на специјализираните продавници и киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари во туристичките места, на кои и сега им е дозволено да работат во неделите и на празниците. Останатите и понатаму ќе бидат затворени.
извор: vecer.press