Цените на бензинот во Германија остануваат високи и покрај намалувањето на енергетскиот данок на гориво. Формирањето на цените останува нетранспарентно, но се знае кој сѐ заработува – од нафтен извор до бензинска пумпа
Речиси две евра за литар дизел, тоа е новата реалност на многу германски бензински станици. Од пред три недели постои т.н. попуст на бензин – намален енергетски данок на горивото, но досега отсуствува осетно растоварување.
Повремено многу муштерии полнат гориво само за десет евра, опишува Франц Риц, сопственик на бензинска станица на 20 километри јужно од Минхен. До пред само неколку недели, луѓето беа бесни, посебно кога цените скокнаа над две евра. Но, сега кај оние кои полнат бензин се чувствува само беспомошност или сарказам.
Специјална давачка во корист на нафтените концерни, вели една жена, нешто слично на мислењето и на министерот за економија, Роберт Хабек од Зелените. Сепак, нафтените компании се само една алка во синџирот на оние кои заработуваат на горивото. Патот од изворот на нафта до бензинска станица е долг, на цените влијаат бројни фактори.
Факторот експлоатација на нафта
Првиот фактор се трошоците поврзани директно со пронаоѓањето нафта: кога книгите за нарачки на фирмите специјализирани за дупчење за нафта се полни, нивната цена расте, вели познавачот на браншата Кај Екерт. Тој е уредник на Енергетско-информативната служба, специјализирано издаваштво за енергетската бранша.
Полни книги на налози на фирмите за пронаоѓање на нафта се најчесто директна последица на високата цена на нафтата. Значи, зачестено се истражуваат наоѓалишта на нафта. Ако се пронајдат многу наоѓалишта, по правило цената паѓа, зашто се зголемува понудата.
Нафтата уште под земја го менува сопственикот
Најчесто, најмногу заработуваат оние кои располагаат со големи резерви од нафта. Денес по правило тоа се држави како Саудиска Арабија. Трошоците за екслоатација на еден барел сурова нафта таму изнесуваат неколку долари, продажната цена моментално е околу сто долари.
Но, сопственикот на сурова нафта може брзо да се смени, понекогаш уште пред таа да биде извадена на површина. На берзите за суровини уште рано се тргува со нафтата, цената се утврдува обично една година пред терминот на испорака. Тоа им овозможува сигурност во планирањето на продавачите и на купувачите.
Притоа, во тоа се вклучени и трговците со суровини, шпекуланти и банки за меѓуфинансирање, што се должи на огромните суми за кои најчесто се работи.
Товарењето на голем танкер со нафта може да вреди повеќе стотици милиони долари.
Целиот текст прочитајте го на dw.com