Вработените во Рудник Саса добиваат зголемување на платите во висина од 4.300 денари, соопштија од менаџерскиот тим на Саса, со што просечната плата која ја обезбедува рудникот ќе била за околу 80 проценти повисока од просечната плата во земјава, која изнесува околу 30.000 денари.
Ова е второ зголемување на платите во рудникот годинава. Според генералниот директор на Саса, зголемувањата на платите се дел од нивната трајна определба за обезбедување благосостојба и социјална сигурност на вработените.
- Со зголемувањето на платата, вработените ќе бидат соодветно наградени за нивните постигнувања и напори. Истовремено, на овој начин сакаме дополнително да ги мотивираме нашите вработени, со цел да обезбедиме поголема продуктивност и ефикасност во работењето – порача директорот.
Рудникот Саса за олово и цинк се наоѓа на околу 12 километри од Македонска Каменица. Во него се вработени околу 700 лица, од кои 90 проценти се од локалната општина Македонска Каменица.
извор: fokus.mk