По десетина години неизвесност Македонија конечно ќе доби берза на која ќе се продава и купува струја по јавни, транспарентни цени кои се формирани само и исклучиво од понудата и побарувачката за електрична енергија.
Македонија добива организиран пазар за струја на кој берзата гарантира дека купувачот ја добива енергијата, а продавачот парите. Конечно ќе заврши времето за „дилови во четири очи“ договорени „со црвени телефони“ и тие ќе останат недокажани митови. Берзата за струја треба да стане македонска реалност кон крајот на март наредната година.
Досега кај нас пазарната цена на електричната енергија не беше јавна категорија. Цените на пазарот се утврдуваа со билатерални договори меѓу приватни снабдувачи и потрошувачи или на тендери за државни инстанци на кои понудувачите доставуваа понуди. Берзата ќе овозможи транспарентна цена за мегаватчас електрична енергија за секој час во текот на едно деноноќие.
Другата квалитативна предност и супериорност на берзата пред другите форми на трговија со струја е тоа што берзата гарантира дека купувачот ќе ја добие платената количина електрична енергија, а продавачот или производителот ќе ги добие парите за кои ја продал електричната енергија.
Според објавената документација договорот е со времетрање најдолго до 4 години од потпишувањето, а фазата на имплементација е 9 месеци од денот кога е склучен договорот.
По фазата на имплементација ќе следи фаза на тестирање која во стручната јавност е позната како dry run или „работа на суво“. По успешното тестирање ќе следи оперативната фаза во која во реално време ќе се тргува со струја на македонската државна берза.
извор: faktor.mk