Македонците во мај заработиле за 17,38 евра повисока плата во однос на истиот месец минатата година
Најновото истражување за големината на платите во регионот, спроведено од страна на турската новинска агенција Анадолија покажа дека највисок месечен нето приход во износ од 1.077,77 евра во месец мај е остварен во Словенија, а словенските работници оваа година заработиле за 21,30 евра повисока плата во однос на истиот месец лани.
На второ место се наоѓа Хрватска со најголем годишен раст на платата во износ од 71.42 евра, а ако минатата година просекот изнесувал 795,53 евра, годинава се покачил на 866,95 евра.
Платите во Босна и Херцеговина бележат најмал годишен раст (само 12,46 евра) меѓутоа се наоѓаат на третото место по износост на просечната плата која годинава се зголеми на 448,59 евра.
Значителен раст бележи и соседна Србија каде мајските плати оваа година биле за 29,71 евра поголеми во однос на истиот период лани. Според истражувањето, просечната плата во Србија изнесува 426 евра.
Во Македонија растот изнесувал 17,38 евра и го зголемил износот на просечната плата од 381,90 евра во 2017 година на 399,28 евра во 2018 година.
Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната нето плата во месец мај кај нас порасна за 7,1 проценти во однос на истиот месец лани и изнесува 24.509 денари и е повисока за 1.600 денари на годишно ниво.
Најголеми месечни примања остваруваат програмерите чиишто плати достигнуваат до илјада евра, а втори на листата се вработените во воздухопловството.
Најниски примања пак имаат секторите рибарство и аквакултура со просечна плата околу 12.200 денари.