Производител на вишни во Србија го донира целиот род за да го расчисти овоштарникот
Овоштарот Рајко Крстиќ од селото Чифлик кај Бела Паланка, Србија, поради ниската цена на вишните од 30 динари за килограм, го подарува целиот род од десет тони, а вели и дека ќе ги исече дрвјата. Тој во својот повик вели:
Семејната фарма Крстиќ одлучи да им овозможи на сите граѓани БЕСПЛАТНО да наберат вишни колку што сакаат, за нивните семејни потреби. Среќни сме што како семејство правиме добро дело и веруваме дека нашиот пример ќе биде следен од други.
По повикот кој го објавил на социјaлните мрежи, во неговиот овоштарник дошле стотина луѓе и секој можел да набере онолку вишни колку што му треба.
Крстиќ вели дека е задоволен што неговата покана за берба преку социјалните мрежи и медиумите „вродила со плод“ и што жителите од тој крај се снабдиле со вишни.
„Од бербата имав само штета, вака барем некој ќе има корист. Подобро е луѓето да си ги наберат и да ги искористат, отколку да пропаднат. Да организирав берба, ќе бевме незадоволни и берачите и јас, вака барем некој е задоволен“, изјави Крстиќ.
Тој додава дека откупувачите му понудиле 30 динари за килограм, а берачите наплаќаат 25 динари за килограм, дека пет динари за килограм се трошоците за утовар, транспорт до истовар, мерење, претовар и транспорт.
„Само жетвата чини 30 динари за килограм, а каде се другите инвестиции, ѓубриво, заштитни средства, обработка на земјиштето. Тоа што сум го вложил досега, го вложив, но не сакав да правам дополнителни трошоци“, изјави Крстиќ.
Како што рече, дополнителен мотив да ги повика граѓаните да дојдат и бесплатно да берат вишни е најавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека Србија ја очекува долга и студена зима и дека луѓето треба добро да размислат пред да трошат пари на море.
„Тоа ме поттикна да бидам хуманист, да им помагам на луѓето да се подготват за долга и студена зима, се надевам сум им помогнал да обезбедат џем, компот“, вели Крстиќ.