Во хотелите во Македонија има сè повеќе работници на возраст околу 50 години. Персоналот го дополнуваат и млади кои одат во средно училиште, а преку лето сезонски работат во туризмот.
Но, недостигаат кадри на возраст од 25 до 45 години. Тие наместо во Македонија, бираат да работат во Хрватска или Малта за повисоки плати.
„Имаме млади од 16, 17 години кои преку лето работат како келнери, шанкери. Другата возрасна група од 25 до 45 години, не е дека ја нема, но е помалку бројна. Тие луѓе ни заминуваат во странство, и треба да се преземат мерки, затоа што од тоа не губиме само ние, туку губат сите, губи државата. Доколку работат овде учествуваат во креирање на производ кој носи приходи и даноци во буџетот“, објаснува Блажески.
Многу од луѓето размислија и сфатија дека има и други начини за заработка, а воедно не сакаат долги години да бидат келнери, посебно затоа што во малите угостителски објекти немаат шанси за напредок. Во странство заминуваат млади на возраст од 20 до 25 години, но сигурно има други кои самоиницијативно, без посредување на агенција одат надвор.
Во Дубаи на пример, една година ќе работат како келнери, а веќе следната година или по шест месеци ако се покажат добро, може да напредуваат, да станат супервизори, а понатаму може да станат менаџери.
Македонските работници од овој сектор заминуваат масовно на работа во странство и доколку оваа состојба не се промени, тогаш за една година, половина од рестораните и хотелите ќе затворат, велат од туристичко- угостителската комора. Угостителите нашле вкупно пет илјади келнери, садомијачи, рецепционери и собарки од Турција за да дојдат на работа во земјава. Но, тие бараат Македонија да им овозможи вработување под истите услови како и за нашите граѓани.
извор: faktor.mk