Повеќе од автомобилите на патиштата и улиците се со бела, црна, сребрена или сива боја. Според податоците што ги објави компанијата BASF, овие четири нијанси во 2019 година биле најзастапени со 78%.
Купувачите најчесто се определувале за бела (39%), потоа за црна (16), сива (13%) и сребрена (10%) боја на каросеријата.
Во игра се бројни фактори, вклучувајќи го фактот дека белата, црната, сивата и сребрената „одговараат со сѐ“ и се достапни на речиси секој модел на пазарот.
Овие нијанси исто така никогаш не излегуваат од мода, за разлика од некои „поекстравагантни“ бои кои би му претставувале проблем на сопственикот во продажбата на возилото, ако некогаш сака да го продаде.
Покрај тоа, на одредени пазари купувачите имаат тенденција своите возила да ги купуваат директно од продажен салон каде веќе се изложени, наместо да ги нарачуваат специјално од фабрика во одредена боја и да чекаат одреден период до испорака. Ова е погодно за купувачите бидејќи можат веднаш да седнат во својот нов автомобил и да си заминат со него, па така дилерите одат на сигурно и нарачуваат примероци во неутрални нијанси бидејќи знаат дека полесно ќе ги продадат.
Психологијата исто така игра важна улога, а CNBC во својот прилог спомнуваат дека сината боја е најпопуларна кога станува збор за избор на електрични возила.
За ова делумно се заслужни и производителите на автомобили кои кога почна популарноста на електричните возила често користеа одредена нијанса на сино, која сега потрошувачите ја поврзуваат со возилата на струја.
Производителите на автомобили придонесуваат кон тоа на патиштата и улиците најчесто да се сретнуваат возила во монохроматски нијанси и со тоа што најчесто овие нијанси, особено белата, не се доплаќаат дополнително.