„Ако ме бараш за работа, гледај како работам, а не дали имам деца, дали сум разведена, од каде сум и 300 други непотребни прашања...“
Интервјуто за работа само по себе е стресен момент за кандидатите кои се во неизвесност дали ќе ја добијат посакуваната работа, додека истовремено се трудат да се прикажат себеси и своите вештини во најдобро светло пред идниот работодавач. Едно е сигурно, не постојат лесни прашања на интервју за работа, но некои се многу посензитивни од останатите.
Најчесто станува збор за прашања од личниот живот или ситуации од претходната работа, кои работодавачите ги поставуваат со цел да дознаат што повеќе за вас, за вашиот карактер и планови за во иднина, за да можат да предвидат колку можат „да сметаат“ на вас.
Направивме анкета во која ги прашавме посетителите на нашиот сајт Кое е најнепристојното прашање на интервју за работа според вас?
За 6% од испитаниците тоа е прашањето Дали живеете под кирија или имате стан?
16% од испитаниците се одлучиле за прашањето Зошто ја напуштивте претходната работа? „Зошто ова го интересира работодавачот? Ако речам дека ме избркале, дали тоа ќе претставува причина да не ме вработи? Сосема депласирано..“ „Ако сум отишол на интервју за нова работа, тоа веќе значи дека нешто не е во ред со моменталната...“ се дел од коментарите на ова прашање.
За 19% од испитаниците најсензитивно е прашањето околу платата, односно Колку плата земавте на претходната работа? „Сметам дека работодавачот каде што аплицирам за работа нема право да ме прашува колку плата сум земал на претходното работно место. Треба да му се важни моите квалиети и компетенции. Инаку сите овие опции се непристојни прашања, во секој случај.“ – коментира еден испитаник.
Исто толку испитаници (19%) одговориле дека според нив најнепристојно прашање кое некогаш го добиле на интервју за работа е прашањето Дали сте во брак/Дали планирате брак? Голем дел од нив сметаат дека ова прашање е сосема непотребно навлегување во приватноста од страна на работодавачите.
Работодавачи, внимавајте! Дури една третина (33%) од испитаниците најмногу ги иритира прашањето Дали имате деца или наскоро планирате да имате? „Ужас од прашање и дискриминација за жени!“ „Непристојно прашање за личен живот со објаснување на работодавецот дека мора да знае дали да инвестира во мене за обука за да во меѓувреме не останам бремена па да треба да бара нов човек. Дискриминација , немотивирачки, поразително, шовинистички...“ „Катастрофа прашања, а ги поставуваат оние кои плаќаат минимални плати...“ „Многу работодавачи нема да вработат жена која има мали деца и која е во план да раѓа... Децата никогаш не треба да бидат предмет на разговор за време на интервју!“ – се само дел од коменарите кои го аргументираат овој став.
7% од испитаниците се изјасниле за опцијата „Друго прашање“, а најголем дел од нив ги потенцираат прашањата за сексуалната определба како најнепријатни прашања на интервју за работа. „Ако не си бил вработен повеќе години, те прашуваат: Од што живееш?“
Резултатите од анкетата и сите коментари можете да ги прочитатате на линкот.
Формирањето на сликата за вашата компанија започнува на самото интервју за работа. Доколку сакате да оставите добар впечаток како работодавач, избегнувајте ги овие прашања кои создаваат нелагодност кај кандидатите.
Во тек е нашата нова анкета во која прашуваме: Летниот одмор ова лето ќе го финансирам со... - Ги очекуваме вашите одговори на ЛИНКОТ