Вкупно 51.510 студенти се запишале на високите стручни школи и факултетите во академската 2021/2022 година, што претставува зголемување за 1,2 отсто во однос на академската 2020/2021 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Меѓу запишаните студенти преовладуваат жените, па бројот на запишани студентки изнесува 29.823, односно речиси 58 отсто од вкупниот број запишани студенти.
И годинава најголем број студенти, 82,6 отсто, се запишале на државните високообразовни установи, додека 16,8 отсто се запишале на приватните високообразовни установи.
Прва година на студии изминатава академска година запишале 13.434 студенти, што претставува 26,1 отсто од сите студенти.
Најмногу студенти – 22.189, студираат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје. Втор „најпопуларен“ универзитет е Државниот универзитет во Тетово (ДУТ) со 7.771 студент, по кој следува Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип со 7.013 студенти.
На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола изминатава академска година имало 3.519 студенти, додека на Универзитетот „Мајка Тереза“ (УНТ) студирале 1.295 студенти.
Од државните високообразовни установи, најмалку студенти изминатава академска година имало на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ (УИНТ) во Охрид, каде се запишале вкупно 271 студенти.
Меѓу приватните високообразовни установи пак, најпопуларен е Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, каде се запишале 2.211 студенти, по што следува Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово со 1.747 студенти.
Меѓу факултетите, и годинава најброен е Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) каде студираат 4.145 студенти. Втор по бројност е Факултетот за медицински науки при Универзитетот во Тетово со 2.989 студенти, а блиску до оваа бројка студенти имале и Медицинскиот факултет при УГД – 2.902 студенти, како и Медицинскиот факултет при УКИМ – 2.873.
Покрај овие, меѓу најпопуларните факултети се и Економскиот, Филозофскиот, Филолошкиот и Правниот факултет при УКИМ.
извор: meta.mk