Продолжување на билатералните, пријателски и добрососедски односи меѓу Македонија и Србија значи денешното отворање на српскиот Конзулат во Охрид, каде за почесен конзул е избран охриѓанецот Михајло Филев.
– Охрид, како и досега, е привлечна дестинација за српските туристи, кои се секогаш добредојдени во што поголем број. Република Северна Македонија и Република Србија имаат извонредни односи во областа на културата, кои се материјализираат низ реализација на голем број проекти од сите свери на творештвото. Потврда за ова се и потпишаните програми за културна соработка меѓу министерствата за култура на двете земји, кои особено придонесоа во зацврстувањето на културните врски и ги охрабрија новите иницијативи – рече министерката за култура.
Почесниот конзул на Србија, Михајло Филев смета дека отворањето Конзулат во Охрид е голем подвиг во зближувањето на двата братски народи.
– Ваквиот чекор не претставува мост за зближиување, бидејќи мостот веќе постои, туку надградување на тој мост со нови чекори за поуспешна афирмација и презентација на српската добронамерност и, пред се, братска блискост покажана и докажана многу пати во минатото и денес. Нека овој простор на почесниот Конзулат биде само средиште од каде во целост низ цела област ќе се воспоставува нашата соработка низ патот кој го продолжуваме генерациски за подостојно постојано културно и политичко поврзување – порача Филев.
Република Србија во јуни донесе одлука за отворање на Конзулат во Охрид, а за почесен конзул поставен е Михајло Филев. Конзулатот ќе ги опфаќа со работа општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Кичево, Дебар и Центар Жупа.
Целиот текст можете да го прочитате на novamakedonija.com.mk